Случај на африканска чума кај свињите е детектиран на приватно стопанство во охридското село Лакочереј
декември 29, 2024

Охрид, 29. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Случај на мошне заразната болест африканска чума кај свињите е детектиран на приватно стопанство во охридското село Лакочереј.

Станува збор за прв потврден случај на болеста во Охридскиот Регион. Согласно превентивните мерки за спречување на ширењето на болеста, уништени и соодветно третирани се осум маторици и 20 прасиња од фармата. Засега нема индикации за појава на болеста во селото во чиј атар има околу илјада единки свињи.

Случаи на појава на африканска чума во Охридско досега е регистриран само во едно од трите ловишта, со заразени единки дива свиња.

Африканската чума е високо заразна болест кај свињите, не е опасна за здравјето на луѓето, но може да има далекусежни негативни последици по стопанството, оттаму што носи ограничување на извозот. Сите земји во ЕУ каде ја има болеста предвидуваат строги мерки за контрола и забрана за движење на животните од регионите каде има потврдени случаи на болеста. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука