Охрид, 14. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридските сметководители и сметководствени бироа до фирмите веќе ги испорачаа фактурите за извршени услуги, скроени согласно новиот тарифник.
Имено, од 1-ви јули годинава на сила е новиот правилник, односно критериум за пресметување на сметководствените услуги донесен од страна на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.
Според Комората на сметководители, при Сојузот на Стопански комори, тарифникот не е ценовник, туку го регулира само минимум надоместокот за покривање на трошоци кои сметководителите ги имаат при вршење на книговодствени услуги. Критериумите по кои се одредува цената се всушност одреден процент од исплатената просечна бруто плата по работник (ИПБПР) во претходната година, а во 2016-та година таа изнесуваше 32.268 денари.
Охридските сметководители кои ги консултиравме рекоа дека со новиот правилник цената на услугата зависи од големината и прометот кој го остварува фирмата, потоа од тоа дали е или не даночен обврзник, како и од други критериуми.
– Што се однесува до нашата фела, конечно ќе се реши најголемиот проблем со кој се соочуваме низ годините, а тоа е нелојалната конкуренција. Цените за сметководствените услуги, конкретно во Охрид беа пониски споредено со другите градови низ државата. Со последните измени ние носиме одговорнот за вистинитоста и исправноста на податоците кои ги пласираме. Па, на овој начин ќе можеме да ги покриваме трошоците, да посетуваме соодветни обуки, а со тоа и да го зголемиме квалитетот на услугите, велат сметководителите со кои разговаравме.
Според нивните пресметки, минималната сума за сметководствени услуги што треба да се плати е 2.278 денари, доколку фирмата остварила промет до 400.000 денари. Понатаму цените се 3.376 ако правниот субјект остварува приход до еден милион денари, а не се работи за ДДВ обврзник. Во спротивно ќе платат 4.920 денари.
Ја консултиравме и другата страна, трговците и фирмите. Тие велат дека веќе ги добиле, а некои веќе и ги подмириле новите, повисоки фактури.
– Јас плаќам 50% повеќе во однос на минатиот месец, а дел од колегите плаќаат и по неколку пати повеќе.
– Уште ова ни недостасуваше. Превисоки се овие услуги, а ние не добиваме никаква дополнителна услуга од сметководителите.
Ова се само дел од коментарите на охриѓани, кои сметаат дека без сметководител и некој кој ќе води грижа за плаќањата и прометот не можат да ги работат фирмите, но, сепак бараат да не бидат изманипулирани.
Претходно, Институтот на сметководители и овластени сметководители во Македонија донесе контроверзна одлука за усвојување на акт за висината на минималните трошоци за вршење на книговодствени работи и надомест на сметководствени услуги, преку кој всушност се регулира видот на услугите и се пропишува висината на надоместоците, што се задолжителни за давателите и корисниците на овие услуги.
Според оваа одлука, собранието на ИСОС одлучило колку ќе плаќаат компаниите за финансиско евидентирање на прием калкулации и/или влезни и излезни фактури, книжење на банкови изводи, слагање на картица, така што, според оваа одлука, најмалку треба да плаќаат оние со годишен приход до 400.000 денари и имаат до 5 вработени (2.000 денари), додека најмногу оние со годишен приход од над 200.000.000 денари (61.500 денари).
Освен тоа што се издвојуваат уште 13 различни категории на компаниии, за кои се предвидени исто толку цени во зависност од приходите што ги остваруваат на годишно ниво, во оваа одлука се наведува дека „надоместокот за изготвување на годишна сметка и финансиски извештаи за сите клиенти ќе изнесува дополнително колку една минимална месечна надокната наведена во меѓусебниот договор“.
Воедно, одлуката предвидува дека изготвување на годишна пресметка за неактивни клиенти ќе чини 9.000 денари, консултантски услуги од областа на сметководството и финансиите ќе чинат 2.460 денари од еден час, додека писмено мислење и консалтинг од областа на сметководството и финансиите ќе чини 6.150 за еден час. Токму поради оваа одлука донесена од собранието на професионалното здружение во кое се организирани сметководителите во земјава, врз основа на која, пак, управниот орган на здружението треба да донесе акт за споведување на одлуката, компаниите периодов се соочија со известување од сметководителите за новите регулирани цени, кои, според нивните кажувања, се за три пати повисоки од оние што ги плаќале досега.
Не е спорно да се регулираат цени на бензин, лекови и други специфични продукти, или, пак, да се пропишува препорачана или максимална цена, меѓутоа проблематично е кога се утврдува минимална цена, бидејќи, според нив, освен што го нарушува принципот на конкурентноста, тоа и е противправно. Имено, одлука за минимални цени на сметководствените услуги се повикува на статутот на здружението, кој во членот 31, став 14, предвидува дека управниот одбор на здружението ги „предлага и утврдува критериумите за утврдување на цената на сметководствените услуги“, но во него и во ниту еден друг правен акт не стои можност здружението да пропишува конкретни цени на сметководствените услуги.
Здружението на сметководители неодамна објави дека во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година се спровеле активности во врска со утврдување на критериумите за утврдување на цената на книговодствените и сметководствените услуги, со цел подобрување на статусот сметководител и овластен сметководител и квалитетот на нивните услуги, но нема известување дека биле утврдени минимални цени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива