Охрид, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Обилните врнежи од снег кои континуирано паѓаат во регионот го завеаја патниот правец Охрид – Кичево кај Дебрца поради што е отежнат сообраќајот.
Од охридската секција на „Македонија пат“ велат дека постојано се на терен, но заради обилните снежни врнежи не се во можност да го исчистат снегот од патот.
– И овој патен правец се чисти, но постојано врне снег, така што не можеме да го дочистиме. Нон-стоп сме на терен и го даваме максимумот што се однесува до нас. Со средствата што ги имаме правиме максимални напори да ги направиме патиштата проодни, вели раководителот на секцијата на „Македонија пат“ во Охрид Крсте Ташкоски.
Според него, останатите патни правци кои се во надлежност на охридската подрачна единица редовно се чистат и се одржуваат проодни.
Поради снежното невреме, како што информираат од Автомото сојузот на Македонија, утрово во 07 часот и 20 минути е воведена забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Охрид – Ресен кај превојот Буково.
Сообраќајот на овој превој неколку часа беше во прекин и во саботата навечер кога во снегот заглави тешко товарно возило кое превезувало метални предмети. Во колоната возила беше и автобус со патници кои од Солун се враќаа во Охрид и кои беа приморани да повикаат такси возила за да не останат на Буково. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Спаско Костоски