Скопје, 28. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска со почеток во 11:00 часот ќе се одржи констутитивната седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија.
Според Деловникот за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку. На седницата ќе има три точки избор на верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието, а седницата може да трае до три дена.
Извесно е дека во собраниските столчиња ќе седнат 119 народни избраници што ги добија уверенијата. Државната изборна комисија денеска треба да одлучува по приговорот од Европскиот фронт за прегласувањето на ИМ 2101 во село Ларце во Општина Желино.
Според првичните резултати по прегласувањето во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 на Парламентарните избори 2024 Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратенички мандати, додека Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ загуби еден пратеник и има 18 пратенички мандати, исто колку и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ. Коалицијата „Вреди“ по прегласувањето доби еден пратеник повеќе и сега има 14, додека Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица остануваат со по шест пратенички мандати.
Во новиот парламентарен состав тројца пратеници од Охрид, Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, седнуваат во собраниските клупи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива