Охрид, 29. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Програмите за работа и материјално – финансиското работење на охридските основни и средни училишта беа во фокусот на денешната седница на градскиот совет, кои беа усвоени од страна на советниците.
Дискусија се разви околу условите за школување и работа во нив. Советникот Кујтим Усеини го актуелизира проблемот со ОУ „Братство и единство“.
– Еве веќе месеци децата се школуваат во услови кои се катастрофални. Години наназад и двата објекти се оставени. За едната зграда барам дренажа веќе осум години, има влага, децата престојуваат и учат во лоши услови. На вчера одржаниот совет на родители, иако биле поканети, претставник од локалната не бил присутен, рече Усеини.
Секретарот Димитар Спасески рече дека на почетокот на мандатот затекнале прилично лоши услови и дека континуирано се труделе во рамки на можностите што е можно поголем дел средства од буџетот да се насочат кон ова училиште. Се согласи дека на зградата на училиштето во Лескајца треба да се посвети значително внимание за реконструкција на тој објект.
Од серијата земјотреси кои го зафатија Охрид, ОУ „Братство и единство“ претрпе сериозни оштетувања на главниот влез и во спортската сала. Спасески рече дека во тек се работите за санирање на главниот влез.
Со амин на советниците беше изгласано општината уште еднаш да му помогне на ОУ „Григор Прличев“ и да го сервисира долгот за снабдување со екстра лесно масло за греење кон фирмата „Моби Петрол“.
– Поминаа повеќе од четири години, секогаш остана болна точка ОУ „Григор Прличев“. Ние имавме доблест, пробавме да разговараме со тужителите, но не успеавме да најдеме заеднички јазик. Да се надеваме дека следниот состав ќе го реши проблемот и ќе најдат некое заедничко решение, рече советникот Климе Шешоски.
На ова реплицираше советникот Јоне Станкоски, кој истакна дека секогаш кога се дискутира за ова училиште тој напоменува дека советниците треба да добијат некаков документ за тоа што е преземено, а добивале само паушални изјави.
– Можеби волја имавте, но очигледно не го решивте и покрај тоа што градоначалникот вети дека во рок од три месеци тој проблем ќе биде решен, а тоа беше 2014 година, рече Станкоски.
Условите за работа во училиштата, хигиената, здравата храна и здравите животни навики, немањето мензи во училиштата, намалувањето на деформитетите кај децата како и многу отворени прашања и проблеми од повеќе сфери, овој состав на советот ги остави за решавање на идните градски избраници.
Со оглед на перидот во кој се наѓаме, во ек на изборна кампања, истата цело време беше присутна и провејуваше во дел од дискусиите.
Последната седница на градскиот совет во овој состав, претседателката ја закажа за вторник, 3-ти октомври. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес