Дебрца, 15. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Советот на општина Дебрца даде зелено светло за предлагање за прогласување на заштитено подрачје Белчишко Блато – Сини Вирој, во категорија Парк на природата.
Одлуката е донесена врз основа на Студијата за валоризација на Белчишкото Блато, со што и официјално се иницира постапката за добивање на заштитен статус, согласно националното законодавство. Одлуката и Студијата ќе бидат доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Белчишкото блато веќе е идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000.
Изминативе години во рамки на проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишкото Блато (Сини Вирој)”, што го спроведува здружението „Екотуризам 2016“, Охрид и канцеларијата на UNDP, Скопје,меѓу другото, извршен е биолошки мониторинг на најважни растителни и животински видови и живеалиштето евлова шума во подрачјето на Белчишко блато. Исто така изградена е туристичка инфраструктура на блатото: летниковци, набљудувачница за птици, информативни табли. Направени се истражувања за валоризација на екосистемските услуги од блатото како и истражување за социо-економското значење на блатото. Изработена е веб страница за блатото (www.belciskoblato.mk), а за љубителите на природата, во рамките на проектот е снимен документарен филм.
Инаку, Белчишкото Блато претставува редок и важен локалитет на национално и меѓународно ниво. Тоа е дел од националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување. Блатото е реликт од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебрца била поплавена во плиоценот (пред 5,3–1,8 милиони години). Блатото е специфично заради големите карстни извори, различните типови влажни живеалишта и особено поплавените евлови шуми. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива