јуни 4, 2021

Охрид, 4. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Двете советнички групи во Советот на општина Охрид и градоначалникот на Општина Охрид, д-р Константин Георгиески одржаа координативен состанок во врска со барањето на Здружението на угостители и туристички работници „Охридски Еснаф“ од Охрид за свикување и одржување на итна седница на советот.

– На состанокот детално беше разгледано барањето на здружението и сите предложени точки за расправа, по што од страна на двете советнички групи беше донесен заеднички заклучок дека Советот на Општина Охрид нема ингеренции да расправа по ниту една од предложените точки во барањето. Двете советнички групи го застапуваат ставот дека не постои правна и законска претпоставка за свикување и одржување на итна седница врз основа на вакво барање, ниту пак советот може да донесе одлука во врска со предложените точки. Двете советнички групи изразија поддршка на градоначалникот Константин Георгиески и општина Охрид да постапуваат во рамки на своите ингеренции во согласност со сите законски прописи почитувајќи го принципот на неселективност. Двете советнички групи сметаат дека е од исклучителна важност Охридскиот регион да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО и ги повикуваат сите надлежни институции да постапуваат во согласност со своите надлежности во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, информираат од Советот на општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука