Охрид, 31. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Градските советници не го изгласаа динамичкиот план за отстранување на бесправно изградените објекти – плажи.
Според опозицијата советот не е надлежен да носи вакви одлуки, а за власта целта на планот е да се стави ред во незаконското и противправно искористување на крајбрежниот простор и узурпација на плажите.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков потенцира дека советот ниту издава плажи, ниту потпишува договори, единствено може да донесе одлука за висината на цената по метар квадратен за издавање на плажите. Поради ваквиот став советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се иззеде од гласање.
– Многу е јасно е врз основа на раскинатите договори и решенијата за рушење дека надлежен е инспекторатот, советот не може да донесе одлука. Според мене подобро е градоначалникот со овие сопственици на плажи да има јавна расправа или средба, да разговара каков е овој динамички план. Реалноста е дека тројца градоначалници наназад имаат проблеми со документација врз основа на измените на законот за издавање на плажите, вели Пецаков.
Тој додаде дека на Охрид му беше потребна измена на законот за издавање на плажите, но на крајот на декември минатата година Владата не ги прифати забелешките на општина Охрид, па повторно стојат одредени прашања и проблеми околу издавање и реиздавање на плажите.
– Законот помина на 27-ми декември, не се измени. На почеток на февруари ќе имаме уште една шанса каде мислам општината ќе успее врз основа на разговорите со ресорното министерство да направи измена на законот за да можат плажите поворно да се земаат со урбанистички проект, а не како што е досега со промена на урбанистички план само за плажата. Заради сите недоречености во законите кои дел се проблематични, имаме проблеми и со плажите и со оние што ги закупиле, истакна Пецаков.
Советникот Ристо Николески рече дека ненадлежноста на советот по ова прашање е став на советникот Пецаков и дека динамичкиот план е поднесен за гласање со цел да се направи редослед на постапување според истекувањето на договорите.
– Со изземање од гласање тие не работат за интересите на Охрид и охриѓани и имаат за цел со популистички постапки да заработат евтини политички поени. Целта на оваа локална власт е да стави ред во незаконското и противправно искористување на крајбрежниот простор и узурпација на плажите за диво изградените шанкови, платформи, настрешници, помошни објекти без никакви договори за закуп. Се работи за плажи од 2013-та има од 2015, 2016, 2017 година, претежно со истечени договори за концесија. Донесувањето на овој план е од исклучително значење во делот на нашите заложби за успешност на процесот за исполнување на препораките од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со цел да се зачува статусот на заштитено светско природно и културно наследство што го поседува Охридскиот регион, рече Николески.
Со динамичкиот план опфатени се вкупно 14 плажи од 2013 година наваму, поголемиот дел од нив со истечени договори за концесија. По однос на отстранување на бесправно изградените објекти, сега согласно донесените решенија, ќе постапува инспекторатот. (Крај)
извор: ОхридПрес извор: ОхридПрес