септември 22, 2017

Охрид, 22. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како претседател на Почесниот одбор на МАКО СИГРЕ, ќе го отвори 10-тото Советување, кое во недела, на 24-ти септември, ќе се одржи во хотелот „Метропол“ во Охрид.

Советувањето ја продолжува традицијата и оваа година ќе ги обработува актуелните теми поврзани со електроенергетскиот систем, а воедно ќе цели да овозможи размена на знаење и стекнати искуства помеѓу академската заедница, индустријата и сите чинители во електроенергетскиот сектор.

Програмата ќе опфаќа сесии на студиските комитети, технички презентации и предавања од истакнати инженери и научници, а секако ќе продолжи и традицијата на поттикнување на младите членови на МАКО СИГРЕ – студентите, да учествуваат со свои трудови на ова советување.

Македонскиот комитет при меѓународната конференција за големи електрични системи (МАКО СИГРЕ) е член на меѓународната организација СИГРЕ (Conference International des Grands Reseaux Electriques-CIGRÉ), којашто претставува водечка техничка асоцијација во областа на електроенергетиката. Оваа меѓународна организација, со седиште во Париз, Франција е формирана уште во 1921 година, со цел да овозможи размена на информации и знаење помеѓу инженерите и експертите од областа на електроенергетиката, да овозможи синтеза на современите инженерски практики со цел нивна примена на меѓународно ниво и да ги информира владините и регулаторните тела и менаџерските тимови за резултатите од активностите и резултатите од работата на СИГРЕ.

Македонскиот национален комитет, како здружение на граѓани, е формиран во 1994 година, а редовен член на меѓународната СИГРЕ стана во 1995 година, додека верификација на членувањето е извршена во 1996 година, на Собранието во Париз. Сепак, македонските инженери се вклучени во активностите на оваа меѓународна организација уште во педесеттите години од минатиот век, како членови на асоцијацијата ЈУКО СИГРЕ, која постои во рамките на поранешна Југославија, каде даваат значителен придонес преку учество во раководството, во студиските комитети и на редовните советувања.

Основниот организационен облик на работење се шеснаесет Студиски комитети, а секој од нив покрива одредена специјализирана стручна област. Полето на научно-стручна работа на МАКО СИГРЕ опфаќа повеќе области од електроенергетиката, вклучувајќи ги производството, пренесувањето и дистрибуцијата на електрична енергија, но и областите кои се тесно поврзани со оперативната работа и стопанисувањето со електроенергетските системи, енергетска опрема, но истовремено и информатика и телекомуникации од аспект на функционирањето на електроенергетските системи.

Меѓу најважните активности во работата на МАКО СИГРЕ се стручните советувања кои редовно се организираат од 1996, кога е одржано Првото Советување на МАКО СИГРЕ. Советувањата претсавуваат можност за размена на искуства меѓу инженерите кои работат во електроенергетските компании и индустријата, академската јавност и експертите од области кои се поврзани со електроенергетиката. За време на советувањата, на сесиите на студиските комитети се презентираат теми од секојдневната инженерска пракса, но и резултати од најновите истражувања на домашната и меѓународната академска јавност. Истовремено, преку организирање на панел-сесии кои се однесуваат на актуелни теми од областа на електроенергетиката се обезбедува форум за дискусија каде своите ставови и искуства ги изнесуваат еминентни меѓународни и домашни стручњаци. Воедно, досегашните советувања покажаа дека се и одлична можност за средби меѓу инженерите и истражувачите од земјава и странство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука