Скопје, 30. јанаури 2015 (ОХРИДПРЕС) – Членовите на СОНК бараат централен протест од претседателството на СОНК, како поенергична мерка за радикализација на тековниот штрајк кој се спроведува во градинките, основните и средните училишта и во установите од културата.
Некои региони веќе напишале барања до Советот на СОНК за протест во Скопје или пак, повеќе протести во поголемите градови. Конкретно дали ќе има протест или не, ќе се знае в недела, за кога е закажана следна седница на Советот на СОНК.
СОНК продолжува да штрајкува без разлика на тоа колку долго време власта ќе ги игнорира и уценува. Членството рапидно се зголемува, како и бројот на синдикални организации што се приклучуваат кон штрајкот.
За Советот на СОНК, Министерството за образование и наука не го почитува Уставот зашто бара прво прекинување на штрајкот па продолжување на преговорите и ваквиот предлог го отфрла. Советот жали за изјавите на министерот Абдилаќим Адеми за толкувањето на законите за тоа кој треба да исплати дневница за деновите во штрајк. За ова прашање СОНК ќе изготви посебен документ со кој согласно законските прописи ќе се утврди чија е обврската за плаќање на дневницата за време на штрајк. (Крај)
извор: ОхридПрес/Плус Инфо фото: архива