април 26, 2017

Охрид, 26. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре ќе се одржи седумдесетата седница на Советот на општина Охрид со почеток во 11,00 часот.

На дневен ред е предлог одлуката за учество на општина Охрид во реализација на летниот фудбалски камп „Барселона 2017“.

Околу актуелната ситуација со веслачкиот клуб „Југ“, советниците ќе расправаат по неколку основи и тоа преку точки кои се однесуваат како на Заклучок за усвојување на информацијата за состојбата, заедно со предложените план и мерки за продолжување на постоењето и активноста, така и по Предлог Одлуката за исплата на долгот на веслачкиот клуб „Југ“ по основ на правосилни извршни исправи.

Пред советниците ќе се најде и точка за усвојување на измените и дополнувањата на развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2017 – 2019 година, а се очекува жестока расправа да се развие за измената на распоредот на средствата на Буџетот на општина Охрид за 2017 година, организирањето на режимот на сообраќај и отстапувањето на користење на паркинг простор од општина Охрид на ЈП„Билјанини извори“ Охрид.

Бројни точки ќе се однесуваат на урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти во повеќе рурални средини. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука