март 27, 2018

Охрид, 27. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар го одбележува 27-ми март, Светскиот ден на театарот.

По тој повод вечерва од 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде изведена комедијата „Аналфабет“ на Бранислав Нушиќ, во режија на Ѓорѓи Ризески.

Македонската порака по повод денешниот ден ја напиша Сашко Коцев, а ќе ја прочита актерот Филип Кипровски.

Меѓународниот ден на театарот се прославува од 1962 година, а е воспоставен од Меѓународниот театарски институт, со цел да се афирмира вредноста и важноста на театарската уметност, и да се апелира до владите, политиката и институциите да ја препознаат вредноста која театарот ја носи за луѓето, индивидуите и развојот на заедниците. Многу театарски институции низ целиот свет, на овој ден синхронизирано испраќаат универзална порака, напишана од реномирани светски имиња во театарската уметност.

Инаку, на 23-ти јануари навршија седум години од возобновувањето на театарскиот живот во Охрид. Со одлука на Владата на Република Македонија беше „воскреснат” театарот во Охрид после 50-на години пауза. Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура, опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука