Охрид, 26. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со детски хепенинг од неколку интересни настани, вечерва на плоштадот „Вангел Наумовски“ продолжи програмата на Општина Охрид „За сите деца“, под мотото „Културата расте со децата“.
На отворениот простор, присутните имаа можност да ја погледнат изложбата на фотографии „Низ детските очи“ од охридската сликарска школа „Пробај уметност”, која е активност на Здружението „Тактус“ од Охрид. На плоштадот беа поставени и штафелаи на кои децата можеа да цртаат на слободна тема и да ги запознаат основните техники на сликарството со академскиот сликар, охриѓанецот Тони Попов.
На свеченото отворање на настанот, во името на Локалната самоуправа, присутните ги поздрави Ана Крстеска, заменик градоначалник.
Гостин на настанот беше Весна Константинова, авторка на книгата „Рисот Ристе“ која преку интеракција со публиката ја раскажа приказната за овој цртан лик. Децата имаа можност да ги бојат илустрациите на животните кои се застапени во истоимената едиција.
Во рамки на Детскиот хепенинг се одржа и четвртото издание на музичко-сценската манифестација „Малите К-2 ѕвездички“. Настапија 20 дечиња со своите песнички кои се напишани и создадени во музичката работилница на познатиот охридски композитор и продуцент Јовица Караилиески. Водител на настанот биде „Ка Двојче“ од истоимениот YouTube серијал.
Бидејќи плоштадот „Вангел Наумовски“ е локација каде што во вечерните часови и тинејџерите го поминуваат своето слободно време, забавната програма продолжи со музички проект на познатиот охридски тапанар Никола Ристовски Тони. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес