Охрид, 7. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со велосипедско дефиле денеска Охрид стартува републичката кампања за поголема безбедност во сообраќајот „Го сакам градот безбеден“, во организација на Републичкиот и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
– Предвидените активности започнуваат во 10:00 часот со велосипедско дефиле „Дојди на точак во 10“ кое ќе почне во десет часот од градското пристаниште. Во дефилето ќе учествуваат велосипедисти од вело клубовите од Охрид, како и граѓани рекреативци, по следната траса: градското пристаниште-кеј „Македонија“- хотел „Гарден“ – „Асном“ кружен кон булевар „Туристичка“ – кружен кај Гимназија – „Димитар Влахов“ – „Македонски просветители“ – пристаниште. За успешна реализација на предвидените активности насочени кон сите целни групи, а посебно кон ранливите категории учесници во сообраќајот, ќе се погрижат и локалната самоуправа како и СВР Охрид, информираат организаторите.
Кампањата во Охрид ќе трае до 14-ти јули, во чии рамки ќе се реализираат различни превентивни активности од едукативен и превентивен карактер, со цел подигнување на јавната свест за поголема одвоворност и на степенот на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива