август 19, 2017

Охрид, 19. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – На програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе има два концерти, со што и официјално ќе заврши музичкиот дел од програмата.

Во стандардниот термин, 20:30 часот, во црквата Св. Софија концерт ќе одржат Блерим Груби на виола и Марија Вршкова на пијано.

Груби се усовршува на мајсторски курсеви кај познатиот виртуоз на виола Јуриј Башмет, на академијата „Чигана“ во Сиена. По завршување на студиите, започнува да работи во Македонската филхармонија. Основал и изготвувал програма за натпревари и конкурси, а е иницијатор и основач на повече ансамбли, фондации и организации.

vrskova_i_grubi_640x360Вршкова уште во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамки на поранешна Југославија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар, каде соработува со врвни диригенти.

По овој настап, на истата сцена со почеток во 22:00 часот, ќе музицираат Искандар Виџаја на виолина и Норман Виџаја на пијано.

Искандар Виџаја започнал да учи виолина уште на четири години. Денес соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари како Зубин Мехта, Фазил Сај и други. Тој свири на виолина изработена од Жан – Батист Вијом од 1875 година, а поседува и инструмент Страдивари од 1734 година.

iskandar_i_norman_vidzaja_640x360Норман Виџаја кога имал 11 години диригирал хорски концерт во чест на претседателот Сукарно во Џакарта, Индонезија. Од 2002 година е шеф-диригент на филхармонискиот оркестар „Сето“, а од 2009 година е постојан гостин диригент на Симфонискиот оркестар во Дубровник.

Со вечерашните концерти ќе биде заокружен музичкиот дел од програмата на 57-то „Охридско лето“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука