Охрид, 21. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – 54,2% од вкупното население во Охрид е имунизирано со две дози вакцина против COVID-19.
Најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека заклучно со 19-ти декември со две дози вакцина се имунизирани 61,5% од лицата над 12 години, односно 66,3% охриѓани над 18 години.
Моментално во Охрид има 232 активни случаи на COVID-19. На инфективното одделение во Општата болница се лекуваат 16 пациенти, поголемиот дел (11) невакцинирани.
На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Охрид (Охрид, Струга и Дебар) вакцинирани се 41,8% од вкупната популација. Во Струга вкупниот опфат со вакцинација е 37,3%, а во Дебар 28,9%, па и натаму е меѓу најниските на државно ниво.
На државно ниво заклучно со 19-ти овој месец „бустер“ доза имаат примено 89.546 лица, односно во периодот меѓу два извештаи (од 13-ти до 19-ти декември) трета доза примиле 5.932 лица.
Опфатот со две дози на вакцина против COVID -19 кај лицата над 18 години е 48,9%, односно 45,1% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 39,4%.
Опфатот кај работноспособното население (18-64 години) со една доза на вакцина изнесува 46,5% додека со две дози вакцинирани се 44,7%, односно 2,9% вакцинирани со трета доза.
Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози припаѓаат на возрасната група од 25-49 години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива