Охрид, 7. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – И според најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Охрид и понатаму е на второ место на државно ниво во однос на опфатот на населанието со вакцинација против COVID-19.
На прво место е Неготино, а зад нас е Кавадарци.
Заклучно со 4-ти декември со две дози вакцина се имунизирани 60,7% од лицата над 12 години, односно 65,3% охриѓани над 18 години. Во однос на опфатот на вкупната популација вакцинирани со две дози се 53,4%.
На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Охрид (Охрид, Струга и Дебар) вакцинирани се 41,2% од вкупната популација. Во Струга вкупниот опфат со вакцинација е 36,6%, а во Дебар 28,5% што и понатаму е меѓу најниските на државно ниво.
На државно ниво според најновите податоци, до 4-ти декември „бустер“ доза имаат примено 79.013 лица, односно во периодот меѓу два извештаи (од 28-ми ноември до 4-ти декември) трета доза примиле 7.640 лица.
Опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 48,4%, односно 44,7% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 39,0%. Опфатот кај работноспособното население (18-64 години) со една доза на вакцина е 46,0% додека со две дози вакцинирани се 43,6%.
Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози припаѓаат на возрасната група од 25-49 години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес