Скопје/Охрид, 30. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на летната сезона од Охридскиот аеродром ќе има чартер летови од Катовице, Варшава, Амстердам и Манчестер, а авиокомпанијата Ер Србија ќе почне да лета на релација Белград-Охрид-Белград.
Од ТАВ Аеродроми Македонија за МИА информираат дека оваа релација ќе биде дополнителна удобност за патниците да избегнат долги патувања со возило.
– Притоа, со оглед на статистиката за изминатата туристичка сезона во Охрид, и патниците и туристите кои го посетија Охрид, може да се забележи дека голем број туристи од Турција решија летниот одмор да го поминат во Охрид, па затоа, воведувањето авионска линија што го поврзува Охрид со аеродром во Турција би била одлична одлука за една авиокомпанија, велат од ТАВ Македонија.
Ако во текот на зимскиот ред на летање, две авиокомпании летаа до четири дестинации, или Виз ЕР до Виена, Дортмунд и Меминген, а Чер Ерлајнс до Цирих, со летниот распоред на летови, и Еделвајс ќе лета до Цирих, така што со летниот ред на летање, од Охрид ќе летаат осум авиокомпании до 11 дестинации.
Во 2024 година на Охридскиот аеродром се очекуваат околу 240 илјади патници. Статистиката за јануари и февруари годинава за двата аеродрома во државава, според аеродромскиот оператор, покажува значително зголемување на патничкиот авиосообраќај или 243.244 патници во јануари и 189.434 патници во февруари. Претворено во проценти, тоа претставува зголемување од 47 проценти и 31 процент во однос на јануари и февруари во минатата година, односно вкупно 432.678 патници и пораст од 40 проценти.
– Со овој позитивен тренд како показател за протокот на патничкиот авиосообраќај, а предвидени со проценките и проекциите за оваа година, може да се забележи дека патничкиот авиосообраќај само дополнително ќе расте и може да има само зголемување на бројот на патници, велат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ оценуваат дека со оглед на резултатите од изминатата 2023 година во однос на патничкиот авиосообраќај, 3,15 милиони патници, и досега расположливите статистички податоци за почетокот на 2024 година, може да се заклучи дека скопскиот и охридскиот аеродром продолжуваат со позитивниот тренд на пораст на бројот на патници и број на реализирани летови.
Со зимскиот ред на летање 13 авиокомпании оперираа од Меѓународниот Аеродром Скопје до 42 дестинации, а од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, три авиокомпании сообраќаа до четири дестинации. (Крај)
извор: МИА фото: архива