септември 18, 2017

Скопје, 18. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Преку законски измени да се овозможи лиценцирање на туристичките водичи за поквалитетни услуги на туристите, како и да се воведе републичка туристичка инспекција, предлагаат здруженијата на угостителството и туризмот и на туристичките водичи при Стопанската комора на Македонија кои денеска потпишаа меморандум за соработка.

Лиценците треба да ги заменат сегашните легитимации кои туристичките водичи ги добиваат со полагање седум испити на кој било факултет за туризам во државава.

– Очекуваме да изградиме механизми со кои оваа легитимација ќе прерасне во лиценца за работа што ќе ги мотивира младите да препознаат професија во оваа дејност, да инвестираат во знаење, и да не работат како водичи само додека студираат и само нешто да раскажуваат. Има чести поплаки од туристичките агенеции дека десет водичи кажуваат 12 верзии, рече на прес-конференција Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи при Стопанската комора на Македонија.

Новите лиценци би се обновувале на определен број години врз основа на проверка на знаење што би довело до унифицирање на презентирањето и поголема почит на самите водичи кон себеси но и кон историјата и се што прават за државата.

Според здруженијата, проблем е и дефицитот на водичи со познавање странски јазици за кои има потреба. Најголемиот дел од 380. активни водичи од вкупно регистрирани 760, зборуваат англиски, турски, француски, германски и италијански. За другите јазици презентирањето е проблем бидејќи се ретки лицата кои знаат повеќе јазици и сакаат да бидат туристички водичи.

Со воведување републичка туристичка инспекција, како што предлагаат, под мониторинг би биле и градските туристички инспектори, а ќе се елиминира и сивата економија, која, според проценките на здруженијата, одзема околу 40 проценти од работата. Реагираат и на тоа дека сегашната регулатива не предвидува директни санкции за странските туристички групи без водичи затоа што инспекторите немаат овластувања да ги казнат туку само да ја известат пазарната инспекција.

Според статистичките податоци, во првите седум месеци од годинава во Македонија имало 525.716 туристи или за 14,2 процента повеќе во однос на истиот период лани. За 17.6 проценти е зголемен бројот на странските туристи, а кај домашните за 6,6 проценти. (Крај)

извор: А1он фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука