Струга, 19. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска заеднички македонско – албански полициски патроли во Струга, во прилог на унапредувањето на туризмот во градот.
Оваа соработка следи по потпишаниот договор меѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и Албанија и е во насока на зголемување на соработката меѓу македонската и албанската полиција која е позитивна и конструктивна, истакна портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
– Мешаните патроли се составени од полициски службеници од полициската станица во Струга , како и полицајци од полициските станици од Поградец и Тирана. Пред се ќе делуваат превентивно, ќе претставуваат дополнителна помош на полициските службеници во делот на јавниот ред и мир. Покрај во Струга во текот на летото полициски службеници од нашето министерство заедно со албанските колеги ќе вршат патролни контроли во албанскиот град Саранда, рече Димоски.
Инспекторот во полицискиот комесарјат на Поградец, Фатјон Селимлари истакна дека со оваа соработка ќе се излезе во пресрет на сите граѓани.
– Туристите се пријатно изненадени и се чувствуваат посигурно и побезбедно кога ќе видат полицаец од нивна држава, рече Селимлари.
Полициските патроли ќе делуваат на целото подрачје на Општина Струга, односно секаде каде ќе има потреба од нивни активности. Ќе делуваат и на остварување на полесна комуникација на туристите и полесно остварување на нивните права и потреби.
Ова не е првпат да патролираат полициски службеници во мешан состав. Пред три години имавме мешани патроли со Србија, а македонското министерство за внатрешни работи има ангажирано полициски службеници во делот на обезбедување на јавниот ред и мир и превентивни активности во Будва и Шибеник. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес