септември 26, 2017

Охрид, 26. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Изборната кампања за локалните избори ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ традиционално ја започнаа од Охрид.

Синоќа на градскиот плоштад беше претставен кандидатот за градоначалник, Митко Тилевски, како и кандидатите за советници и носителот на листата Кирил Пецаков.

По долги анализи да се избере најдобриот предлог, за наредните 4 години напредок, ВМРО-ДПМНЕ за градски татко на Охрид го повика и застанува зад  доктор Митко Тилевски, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груески.

– Тилевски е ваш многу угледен и почитуван сограѓанин, познат лекар, педијатар, пред долго години и народен пратеник, чесен и работлив човек, борец за се што ќе се зафати свесен за проблемите на Охрид, за предизвиците кои доаѓаат но и полн со енергија, жар, големо животно и работно искуство, идеи, со добра воља и чиста мисла, и подготвеност неуморно да работи на напредок и успеси на Охрид и охриѓани, рече Груевски. Тој потенцира дека на 15-ти октомври имаме локални избори но истовремено и референдум на народот.

Носителот на советничката листа, Кирил Пецаков се заблагодари на сите кои ја препознале неговата коректност и не штедливост и секако ангажираност во остварување на програмите и целите на ВМРО-ДПМНЕ.

– За нас најважната работа е дадениот збор, во изминатите четири години беа реализирани голем број на проекти за кои дадовме збор и допринесовме за изградба на Охрид како современа општина. Охриѓани беа сведоци на една нова посветена локална самоуправа која беше вистински сервис во решавањето на проблемите, подвлече Пецаков и додаде дека граѓаните може да бидат сигурни дека понудените нови проекти во изборната програма ќе се реализираат во периодот од четири години.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Митко Тилевски, истакна дека приоритет на идната локална власт ќе бидат остварување на долгорочен и економски раст, зголемување на конкурентноста и вработеноста како и подобрувањето на животниот стандард на охриѓани.

Miting VMRO DPMNE

– Да продолжиме таму кај што застанавме, со нови идеи, проекти и дела, затоа што Охрид и може и знае уште подобро Стратегиските цели на јасно дефинираната програма ќе бидат: Работа за сите, економски пораст и развој на Охрид, создавање нови работни места и намалување на стапката на невработеност и унапредување на туризмот и меѓународна соработка на градот. Доколку ја добијам вашата поддршка за градоначалник на локалните избори коишто следат ве уверувам дека приоритетните проекти ќе бидат реално остварени и целосно покриени од локалната самоуправа, рече Тилевски.

Како еден од главните проекти за развој на Охрид во следните четири години тој го потенцира туризмот и силната промоција на туристичките капацитети на Охрид. Од инфраструктурните проекти тој ги истакна комплетната реконструкција на Булеварот „Туристичка“, реконструкција на коловозот, атмосферска канализација, водоводна мрежа по потреба, изградба на пешачка и велосипедска патека, хортикултурно уредување, како и уредување на градскиот кеј,при што ќе се изгради модерно шеталиште во кое охриѓаните и гостите ќе можат да поминуваат дел од своето слободно време. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука