Охрид, 23. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Колумбиската актерка Кораима Торес, позната по улогата на Касандра во истоимената хит серија пристигна во Србија каде ќе игра една од главните улоги во српската серија „Игра на судбината“.
– Среќна сум, многу сум возбудена, рекла актерката по пристигнувањето.
Инаку, почетокот на „лудилото“ по т.н сапунски серии сосема заслужено може да и` се припише на легендарната Касандра, ликот кој своевремено ги задржуваше охриѓани пред малите екрани кон средината на 90-тите години од минатиот век. Имено, серијата „Касандра“, која на овие простори беше прикажувана во последните неколку години од дваесеттиот век, уште од првата епизода ги „окова” гледачите пред малите екрани, кои со нетрпение ја очекуваа секоја следна епизода.
Така, славната Касандра, лик кој го толкуваше актерката Кораима Торес, стана миленичка на гледачите, а тажната приказна на нејзиниот лик дополнително го привлече вниманието.
Постарите ќе се сетат и на заплетот на серијата – уште кога била бебе, нејзината злобна маќеа ја дала Касандра во циркус, а по дваесет години таа се вратила во нејзиниот град. Циганката со црна коса и сини очи била ветена за фрлачот на ножеви, опасниот Ранду, меѓутоа таа сепак се вљубила во атрактивниот и богат Луис Давид, еден од близнаците на нејзината маќеа. Секако, приказната на крајот заврши со разоткривањето на вистината и среќниот заеднички живот на главните протагонисти, а самата серија на големо ги отвори вратите за сите следни „сапунски серии” кои оттогаш се прикажуваат на малите екрани.
Серијата „Касандра“ всушност е запишана и во Гинисовата книга на рекорди како ТВ серија на шпански јазик што се емитувала во најмногу држави, дури 128 земји ширум светот. На снимањето на една од сериите, Кораима се запознала со актерот Николас Монтеро, со кого стапила во брак во 1996 година. Актерката има еден син, Мануел Николас, а моментално таа со своето семејство живее во Богота. По огромниот успех на телевизиските екрани, актерката се посветила на работата во театарот.
Во 1998 година, таа, заедно со филмскиот партнер Ранду го посетија Охрид. Беше пречекана од огромен број на луѓе на Градскиот плоштад. Според многумина, толку луѓе, колку што собра Касандра на Градскиот плоштад во Охрид не собрале ниту најголемите политички партии.
Фотографиите во декември 2016 година, ги објавивме со дозвола на сопственикот Митко Лукан, долгогодишен фотограф од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Митко Лукан