Охрид, 22. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со небезбедна вода за пиење во дел од околните села, Охрид го дочекува 22-ри март, Светскиот ден на водата.
Спроведената контрола и анализа на квалитетот на водата за пиење во дел од селските водоводи во Општина Охрид, извршена на 14-ти и 15-ти овој месец од страна на Центарот за јавно здравје од Охрид, покажа дека во селата Свиништа, Завој, Куратица, Опеница и Косел водата за пиење од системот за водоснабдување се` уште е без дезинфекционо средство и со матност поголема од законски пропишаната вредност. За решавање на овој голем проблем се одржа и посебна средба со претставниците на месните заедници од коселското подрачје. На средбата на која присуствуваа претставници на Локалната самоуправа, Центарот за јавно здравје, МЈП „Проаква“, РЕ „Водовод“ – Охрид и Дирекцијата за храна и ветеринарство, беше речено дека проблемот мора итно да се реши бидејќи испитувањата на водата од селските водоводи покажуваат дека таа не е исправна за употреба.
Секоја година, на овој ден одговорните се обидуваат да ја потенцираат важноста на водата. Темата за Светскиот ден на водата за 2018 година е „Природата за вода” и е базирана на решенија за предизвиците со вода со кои се соочуваме во 21-от век.
Оштетените екосистеми влијаат на квантитетот и квалитетот на водата што е на располагање за човекова употреба. Денес 2,1 милијарда луѓе живеат без безбедна вода за пиење во домовите, што влијае на нивното здравје, образование и благосостојба. Водата е од суштинско значење за одржување на животот и достапноста на вода во количини и квалитет доволни за да се задоволат основните човечки потреби е предуслов за подобрување на здравјето и за одржлив развој.
Површинските и подземните води се обновливи ресурси кои имаат лимитиран капацитет за опоравување од негативните човекови влијанија. Доколку не ги почитуваме тие лимити може да резултира со краткорочни или долгорочни несакани ефекти на здравјето и благосостојбата на оние кои зависат од тие ресурси. Нивниот квалитет и одржливото управување на хидролошкиот циклус е од суштинско значење за задоволување на човечките потреби и за заштита на животната средина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива