март 21, 2017

Скопје/Охрид, 21. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе го освојува туристичкиот пазар со нови рекламни и промотивни материјали.

Изготвени се брошура и краток туристички филм, како нови промотивни материјали за потребите на саемските настапи и презентациски активности за странските туристички пазари.

– Брошурата содржи автентични фотографии и текстови за туристичките центри во Македонија, со интересен дизајн за да го привлече вниманието на страствените патувачи подготвени да ги откријат туристичките богатства на Македонија. На 52 страници може да ги откриете најзначајните историски, археолошки и културни знаменитости, храна и вино, рурални туристички места, настани и манифестации и останати туристички атракции, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Примамлива приказна, туристички филм во времетраење од 16 минути која го скокотка љубопитството на секој турист.

Филмот ги прикажува најголемите туристички центри, планини, езера, реки, туристички атракции, историја, култура и археологија. Филмот содржи атрактивни кадри и снимки од воздух, збогатен со музиката на автентичниот македонски мелос преку ноти отсвирени на традиционални македонски инструменти.

Брошурата и туристичкиот филм се јазично адаптирана на десет јазици вклучително и македонскиот: англиски, германски, француски, турски, руски, српски, бугарски, полски и италијански. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука