Охрид, 30. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и доделување сертификати за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука, ќе биде затворена осмата по ред Школа за млади лидери.
На школата што се одржува по иницијатива на претседателот Иванов, учесниците преку предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот, како и менаџмент – симулации и практични вежби, ги открија и осознаа тајните на лидерството. Со тоа им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе да ги надградат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат креативноста и лидерските способности.
На годинашната школа присуствуваа 22-ца реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД и Кина, кои своите знаења, искуства и видувања за лидерството ги пренесоа на вкупно 40 учесници на школата.
Освен нив, предавања на школата одржаа истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Швајцарија, Норвешка, Австрија и други земји.
Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива