Вевчани, 14. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, попладнево ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата каде што има име Васил, Василиј.
Во фокусот и на годинашното карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот. На сатиричен и уникатен начин вевчанци ги прикажаа енергетската и економската криза, изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а се пошегуваа и со работењето на актуелната власт. Во Вевчани пристигна и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Францускиот предлог, имаше обид за решавање на спорот со соседна Бугарија, активисти на Анима мунди се бореа за правата на животните, продефилира и Жан Митрев со дел од неговата клиника, а антикорупционерите работеа на решавање на проблемот со корупцијата. И војната во Украина и Светското првенство во фудбал беа инспирација за вевчанци, но не ја заборавија ниту кралицата Елизабета, а свој настап имаше и Мањифико со својот бенд.
Поворката ја предводеа зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави августи, веднаш зад нив одеше оркестарпт со зурли и тапани.
По палењето на маските, односно уште утре ќе почнат да планираат во што да се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат.
Вевчани изминатите два дена претставува отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, пред своите сограѓани, но и бројна публика од земјава и странство.
Покрај традиционалното, не изостана ниту модерното со забава за присутните и привлекување гости од соседните населени места, кои Новата година, според Јулијанскиот календар ја дочекаа во Вевчани со огномет и настапи на групата Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели.
Вевчанскиот карневал, датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар. (Крај)
извор: МИА фото: архива