Вевчани, 14. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционалното василичарско оро и палење на маските, денеска ќе заврши годинешното издание на Вевчанскиот карневал.
Бегалецот Артан Груби, скандалот со Видеолотарија, играњето фудбал во државни простории, Сашо Мијалков со неговото Ферари, администраторите од Бугарија… Ова беа само дел од маските, кои во комбинација со неисцрпната луцидност на уникатните Вевчанци, дадоа посебен печат на годинешното издание на карневалот во Вевчани.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата каде што има име Васил, Василиј. Во фокусот и на годинашното карневалско издание повторно беа актуелните состојби во земјава и светот.
По палењето на маските, односно уште утре ќе почнат да планираат во што да се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се’, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат.
Вевчанскиот карневал, датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијански календар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес