Охрид, 20. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со изведбата на претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар, вечерва ќе биде свечено затворено 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Претставата е во режија на Александар Морфов, а е работена по сценарио на Данис Тановиќ за истоимениот филм, кој беше добитник на наградата Оскар за најдобар странски филм во 2001 година.
„Ничија земја“ е слика за апсурдот на балканските народи и нивните ирационални интеракции како во мирнодопски, така и во „воени“ услови. Драмската ситуација – војна, во која се развива оваа црна комедија е метафора на нашата перманентна духовна, но и фактичка состојба на „војна и омраза“ до „братските“ соседни народи, но и внатрешно, меѓу нас, напиша за оваа претстава драматургот Загорка Поп-Антоска Андовска.
Во „Ничија земја“ играат: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Микиќ, Борче Начев, Григор Јованоски, Марија Кондовска и други.
Претставата е со почеток во 21:00 часот, а ќе се одигра одигра на просторот од некогашната воена касарна во Охрид. Сцената е автентична со приказната во претставата бидејќи темата е војна. Самиот простор кај некогашнта касарна што и’ служел на армијата ќе даде дополнителна симболика на случувањата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива