јули 10, 2017

Охрид, 10. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со земање на мостри и примена на изотопски методи ќе се утврдува староста на водата во Охридското езеро.

Охридскиот Хидробиолошки завод и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен-Унгарија, отпочнуваат со  заедничките истражувања на Охридското Езеро со цел да се утврди староста на дистрибуцијата на водата, односно времето на нејзино задржување, а за тоа ќе се користат софистицирани изотопски методи, истакна директорката на Хидробиолошкиот завод, Елизабета Велјаноска Сарафилоска.

hidrobioloskipres

– Од денес до 16 јули ќе се спроведе собирање на мостри од повеќе локалитети во езерото. Покрај тоа ќе бидат опфатени и повеќе вертикални профили, односно ќе биде опфатена и најдлабоката точка од езерото. На терен ќе бидат истражувани основните физичко хемиски параметри, а за таа цел ќе биде користена целокупната  опрема на Хидробиолошкиот завод, вклучувајќи го и бродот, истакна Велјаноска Сарафилоска.

Раководителот на Центарот за изотопска климатологија и проучување на животна средина д-р Ласло Палчо потенцира дека ќе бидат земени најмалку 100 мостри од езерото врз основа на кои ќе се утврдува староста, начинот на мешањето на водата и други параметри.

laslopalco

Во поглед на лабораториската анализа на примероците, делот што се однесува за квалитетот на водата ќе се утврдува во Хидробиолошкиот завод, додека во Центарот за изотопска климатологија и проучување на животна средина при унгарскиот институт ќе бидат останатите истражувања, односно изотопските анализи.

Според д-р Марјан Темовски кој е координатор на истражувањата помеѓу двете институции Македонија е интересна земја со големи можност за истражувања на различни теми кои може да имаат меѓународно значење. Првична цел на ова истражување е да се утврди на времето на задржување на водата во езерото.

marjantemovski

И од претходно постоеле некои констатации, но ова е првпат да се применат вакви изотопски методи. Д-р Темовски рече дека по собирањето на примероците во текот на оваа недела, се очекува аналитичкиот дел да биде завршен до крајот на годината.

Инаку, ваквото истражување е резултат на Меморандумот за соработка што беше потпишан минатата година помеѓу Хидробиолошкиот завод од Охрид и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен-Унгарија, во насока на зголемена меѓусебна соработка, размена на искуства и учество на заеднички научноистражувачки проекти. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука