октомври 21, 2023

Охрид, 21. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со повеќе активности, и оваа година, Општина Охрид го одбележува 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и јубилејот, 130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација.

Во Големата сала на Општина Охрид, вчера напладне се одржа промоција на книгата „За македонистиката отворено“ од проф. д-р Димитар Пандев и Свето Стаменов, а синоќа, од 19:00 часот, на истата локација се одржа свеченост на која свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

– Кога би можеле барем за миг да се најдеме во книжарницата на Иван Хаџи Николов во Солун пред точно 130 години, веројатно би помислиле дека гледаме група наивни идеалисти, кои се подготвуваат да ја урнат големата Отоманска империја. Денес знаеме дека Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев се едни од најодважните и најхрабрите Македонци во нашата историја, кои го поставија фундаментот на сите идни борби на Македонецот, до негово конечно ослободување во 1944 година, а ќе биде крунисано со прогласување на независноста во 1991 година. Славејќи го и одбележувајќи го 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, само е потврда дека милениумското постоење на македонците, било со постојана борба за себеидентификација од антиката па се до денес. Бидејќи, да не заборавиме дека Македонските и сесловенски просветители Светите Кирил и Методиј во тоа време имале своја битка, повторно поврзана со Македонците, а и со сите словенски народи. Просветителскиот деветнаесети век на Теодосиј Синаетски, Јордан Хаџи Константинов Џинот, Ѓорѓија Пулески, Војдан Чернодрински, нашиот охриѓанец Григор Прличев и плејада истакнати творци и општественици, е уште една битка, кога веќе артикулирано повторно на сцена се враќаат Македонците, а ќе кулминира со „Македонцките работи“ на великанот Крсте Петков- Мисирков. Почитувани, ваквата историска реминисценција покажува дека Македонците се борат затоа што се храбри, трпат затоа што се мудри, простуваат затоа што се Богуугодни. И најважно од се’, знаат одново и одново да градат за себе и за сите други кои ги споделуваат ваквите вредности. Јас сум уверен дека како генерација го носиме кодот на нашите предци и ќе знаеме да ги пребродиме сите предизвици кои се пред нас за извесна и просперитетна иднина. Нека ни е честит и вековит 23-ти Октомври и вечна да ни е Македонија, порача Пецаков.

Се одржа и историски час со проф. д-р Нашата Котлар, како и културно-уметничка програма.

Свеченостите ќе продолжат и во понеделник, на 23-ти Октомври, кога со почеток во 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата на охридските револуционери во Градскиот парк во центарот на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука