март 21, 2017

Охрид, 21. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светскиот ден на поезијата, 21 март, денес во Охрид го одбележа НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид во соработка со Почесниот конзулат на Руската федерација.

– Охридската библитека со Почесниот конзулат на Руската федерација организира книжевно пладне, со претставување на избор од творештвото на руските поетеси Ана Ахматова (1889-1966) и Марина Цветаева (1892-1941). По оваа средба, можам да најавам дека и во иднина библиотеката „Григор Прличев“ ќе ја продолжи соработката со Руската федерација во однос и на други проекти, кажа директорката на библиотеката, Александра Белевска.

Елена Обухова се осврна на животниот пат и творештвото на двете поетеси. Како што кажа Обухова, Ахматова и Цветаева двете освен што ги обединувал стихот, имале тежок живот.

– Секогаш знаеме дека постои реален човек и дека постои лирски херој. Ова најдобро е покажано во биографиите на поетесите на кои го посветуваме ова книжевно пладне. Ахматова била омажена за поет и во тој нивен сојуз, се јавил еден вид на конфликт, каде двајцата се натпреварувале кој поубави стихови ќе напише. Ахматова имала многу несреќна љубов. Додека Марина Цветаева уште од многу мала почна да пишува поезија, уште од шест години. Била човек, која била вљубена во љубовта и секогаш и секаде ја дарувала својата љубов, можеби и повеќе од тоа што човекот е во состојба да прими љубов. Секогаш за себе велела дека не може да биде тело, туку дека била душа, издвојува Обухова од биографиите на поетесите.

Стиховите ги интерпретираа Тоде Илиевски и Маја Мојсова. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука