Охрид, 5. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Традиционално, со концерт на Ансамблот „Танец“, утревечер на летната сцена Долни Сарај ќе биде отворено 56-то издание на најстарата фолклорна манифестација на Балканот на која се афирмираат културните достоинства на народите, Балканскиот фестивал на народни песни и игри.
Концертот е со почеток во 20:30 часот, а ќе му претходи фолклорно дефиле на учесниците низ центарот на Охрид.
Годинава ќе настапат ансамбли од Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Австралија. Од домашните ансамбли ќе настапат „Отекс“ и „Пирамида“ од Охрид. Балканскиот фестивал ќе трае до недела на сцената на „Долни Сарај“, а почетокот на сите настапи ќе биде од 20:30 часот. Влезот како и секоја година ќе биде слободен.
Програма:
7 јули (петок)
– Ансамбл од Поградец, Албанија
– КУД „Разиграна Македонка“ од Квинбијан, Австралија
– Асоцијација на жени играорки „Орма Пелас“ од Воден, Грција
8 јули (сабота)
– Ансамбл „Традиција“ од Трстеник, Србија
– Ансамбл „Пирамида“ од Охрид, Македонија
9 јули (недела) свечено затворање
– Ансамбл „Отекс“ од Охрид, Македонија
– Ансамбл од Бугарија
Во изминативе години на Балканскиот фестивал се презентирани околу 50.000 пејачи, играорци и инструменталисти од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Австрија, Италија, Турција, Кипар, како и од Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Русија, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Шведска, Данска, Финска, Велика Британија, Австралија, САД, Канада, Мексико Малезија, Коста Рика, Нигерија и други (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива