Вевчани, 12. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Часови не делат од почетокот на годинешното издание на традиционалниот Вевчански карневал, каде вевчанци преку маските со векови наназад „го бркаат злото“.
Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма.
На 12-ти јануари веќе традиционално се организира програма од забавна музика, на 13-ти од народна музика и сето тоа испреплетено со традиционалното дефиле на маски. Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва Горна и Долна маала, што ќе се одржи во на 13-ти јануари. Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14-ти јануари.
Од Општина Вевчани и за оваа година најавуваат богата програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители и учесници.
– Музичката ќе биде полна со македонска музика и легендарни музичари. Започнуваме со легендите на македонскиот Рок енд Рол – Ласт Експедишн на 12-ти, кога ќе настапат и Гиг Офф, ДНК, Брука и Венко Серафимовски (Конкорд) и проектот Deep Purple and Led Zeppelin трибјут кои ќе не движат и развеселат низ музичко патување од младоста. Во четврток и Фиц ќе пее за „кучето мое“ и „ладна како Кока Кола“ додека го придружуваат Д’Инвизиблс. На 13-ти ќе настапат групата Баклава, но и легендата на македонската народна музика, кралот на тамбурашите Нино Величковски и кумановските тамбураши. За прв пат на Вевчанскиот карневал доаѓа бенд од Грција, Егејска Македонија, „Банда Ен Топика“, кои многу вешто го свират нашето народно македонско и балканското музичко богатство, испреплетено со џез стандарди, а одличните Некст Тајм и локалната ѕвезда и шоумен Перо Бели, како на сите убави поводи ќе ја имааааат честа да ја затворат музичката програма на годинешното издание на Вевчанскиот карневал, ја откриваат програмата организаторите.
Од Општина Вевчани очекуваат масовна посетеност на карневалот и во типично Вевчански стил порачуваат „Спремете ги суратите!“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес