Охрид, 20. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Како што налага традицијата, денеска, на празникот Свети Јован Крстител, во Охрид свечено одбележан Денот на рибарите, со што се заокружуваат Богојавлнските чествувања.
Бројни граѓани беа во центарот на Охрид, каде со чашка греана ракија и вино уживаа во сончевото време и музиката на фолк пејачот Миле Кузманоски.
По традиција, во голем казан беше приготвена и рибната чорба, за што беа задолжени учениците и професорите од ОУТУ „Вачно Питошески“.
– И годинава ја подготвувавме рибната чорба. За нејзина подготовка беа набавени 400 килограми риба, како и морков,целер, пашканат, кромид, масло и други потребни зачини. Во подготовката учествуваа ученици од нашето училиште и дел од моите колеги, рече Блаже Јорданоски, професор по готварство во ОУТУ „Ванчо Питошески“.
Како продолжување на веќе воспоставената традиција да се одбележи завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест, во ладните езерски води се искапија и рибарите, како и тајфата на годинашниот фаќач на чесниот крст, Петар Рупески.
На денешен ден на Сараиште, старите рибари ги оставале мрежите да се сушат, раскажуваат повозрасните жители на Охрид, кои се сеќаваат на убавите времиња поминати со блиските и пријателите на денот по Богојавление, Ден на рибарите.
Традицијата за да се одбележува овој ден е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила. Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.
Со денешните настани се заокружува одбележувањето на празникот Богојавление Водици во Охрид. Најмасовната црковно-народна манифестација за осветување на езерските води одамна ги надмина локалните и регионални граници, па и годинава имаше бројни посетители од земјава и странство. Годинава се одбележа јубилеј, 30 години од првата масовна организација на овој празник на охридското градско пристаниште. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес