Скопје/Охрид, 15. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид, со 4 репрезентативци во 2 старосни категории, кадети и јуниори, е високо рангиран во Македонската Олимписка Теквондо Федерација.
– По кратката пауза поради новогодишните празници започнуваме со подготовки за новата натпреварувачка сезона. Денес нашите јуниори Ѓорѓи Петкоски и Ненад Целески заминаа на 7 дневни подготовки со националниот репрезентативен тим на Република Македонија под раководство на селекторот, д-р Борче Костовски. Нашите пак најдобри кадети Јана Спироска и Петар Петкоски утре патуваат на 4 дневен семинар во Ќустендил, Бугарија заедно со уште 200 натпреварувачи од регионов, информираат од Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид.
Додаваат дека вчера во хотелот „Парк“ во Скопје се одржа редовното годишно собрание на Македонската Теквондо федерација, на кое беше претставен и новиот систем на натпреварување согласно Законот за спорт. Според истиот, македонската Таеквондо лига се состои од 7 домашни Таеквондо турнири, од кои еден е и нашиот „Охрид Опен“, кој оваа година ќе се одржи во мај.
– Македонската Теквондо федерација беше прогласена за најдобра спортска федерација за 2024 година, информираат од клубот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива