октомври 6, 2021

Скопје, 6. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата на последната седница му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421, 2 милиони денари согласно проценката за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување.

Со пошумување ќе бидат опфатени површини опожарени во период од 2019 година до 15-ти август годинава.

– Врз основа на податоците од информацијата за опожарените површини, а со цел да се санираат штетите согласно редовната и вонредната програма за пошумување на ЈП „Национални шуми“, Владата му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421,2 милиони денари согласно проценката за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување, информираа од владината прес служба.

Дополнително Владата препорача да се разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила, за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука