септември 5, 2017

Охрид, 5. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е добра, но треба и натаму да се работи на подобрување во многу аспекти од безбедносната сфера, се` со цел граѓаните на Охрид да бидат задоволни од начинот на работа на македонската полиција и од безбедноста во градот и пошироко истакна министерот на внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната работна посета во СВР Охрид.

– Во овој период имаме благо намалување на криминалитетот. Тој тренд треба да продолжи. Длабоко верувам дека СВР Охрид има капацитет да ги подобрува работите. Колегите ме информираа и за состојбите во текот на летната сезона. Можеме да бидеме задоволни, иако тоа е нешто што постојано треба да се надоградува, се со цел да ја постигнеме крајната цел, а тоа е полицијата партнер на граѓаните, рече Спасовски.

Покрај за безбедносната состојба, на средбата се разговарало за потребите и проблемите со кои се соочува СВР Охрид,  потоа за новите принципи на работа на полицијата пред се транспарентното, одговорно отчетно работење и блискоста на полицијата со граѓаните.

Министерот Спасовски како еден од клучните проблеми, посебно на СВР Охрид, го нагласи недостатокот на кадровски потенцијал, пред се` на полицајци. Како решение на таквата состојба покрај конкурсите за нови вработувања, ја потенцира и прераспределбата на одредени работници на подрачјето на Охрид, со што ќе може да се подобри нивото на безбедност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес видео: МВР

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука