јули 22, 2019

Прилеп/Охрид, 22. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Ставот на МВР е дека треба да се бориме радикално против криминалот и корупцијата и дека секој нелегално и бесправно стекнат имот треба да биде запленет и да биде конфискуван, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако по налог на јавното обвинителство

беше запленет имот во Охрид.

– Во сите години на независна Македонија имавме многу малку случаи на конфискација на имот. Тоа праќаше една порака до криминалните структури дека и покрај криминалните активности, стекнатиот имот, нема да биде конфискуван. сега начинот на работењето концептуално е сменет и кај МВР и кај Јавното обвинителство. Паралелно со сите постапки и истраги, се води и финансиска истрага и врз основа на наредбите кои ги добиваме од Јавниот обвинител, ние постапуваме и не само конкретно за еден настан или случај, туку за сите ќе се постапува така и понатаму и секој нелегално стекнат имот, мора да биоде вратен на државата, односно на граѓаните, изјави Спасовски.

Од македонското јавно обвинителство (ОЈО) потврдија дека во Охрид е запленет еден глисер во сопственост на „второосомничениот“ во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кически. Од институцијата, засега не ги потврдува информациите дека во градот се запленети и други предмети, како луксузни автомобили.

На Зоран Милески – Кически, заедно со неформалниот сопственик на 1Тв Бојан Јовановски, во вторникот им беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена за примање награда за противзаконско влијание. Според предистрагата, од април 2018-та до април 2019-та година, тие наводно побарале рекет од 8 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за преку јавна обвинителка да биде олеснета постапката што СЈО ја води против него под името „Империја“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука