Охрид, 26. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид и оваа година е носител на активностите за одбележување на „Светскиот ден на срцето“ во Охрид.
– Во соработка со општина Охрид и Организацијата на Црвен Крст од Охрид, а во заедничка организација со фармацевтската компанија „Алкалоид“ од Скопје, ќе се вклучиме во глобалната кампања, која по повод 29-ти септември – Светскиот ден на срцето ги обединува здравствените работници, државните институции, здруженијата на пациенти, граѓанските организации, семејствата и поединците со единствена цел – подигање на свеста на заедницата и секој поединец во неа за можностите да се намали бројот на засегнати од кардиоваскуларни заболувања. Годинешното мото е „Направи ветување За Моето Срце, За Твоето Срце, За Нашите Срца“ и треба да ги потсети сите дека бројот на кардиоваскуларни заболувања може да биде значајно намален со контрола на ризик факторите и адекватна грижа за своето здравје на секој поединец, информираат од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид.
Во сабота, на 28-ми септември, на Градскиот плоштад во Охрид, традиционално ќе биде поставен шатор и вработени од болницата ќе вршат превентивни прегледи за сите заинтересирани, во периодот од 10:00 до 13:00 часот. Сите заинтересирани ќе имаат можност и да добијат одговори на прашања поврзани со кардиваскуларното здравје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива