Охрид, 24. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Подготовка на традиционалното ѓомлезе, дегустација и оценување, но и специјално „Cooking Show” на готвачите од Гастромак ќе бидат дел од случувањата на манифестацијата „Охридска софра 2019“.
Ќе се одржи на 27-ми јули во сeлото Скребатно. Присутните ќе може да видат како се подготвува, а потоа и да го дегустираат македонско традиционално јадење, кое е симбол на кулинарството во Охрид.
Досега има пријавено десетина учесници, кои ќе се натпреваруваат во подготовка на највкусното ѓомлезе. За таа цел е обезбеден вкупен награден фонд од 20.000 денари за трите најдобри специјалитети. Првата награда е во вредност од 10.000 денари, втората награда е 7.000, а третата награда изнесува 3.000 денари.
Официјалниот почеток на манифестацијата е во 10:00 часот и истата, декларирана како најомилена во локалните рамки претставува извонредна можност за промоцијата на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.
Во текот на неколкучасовната програма, готвачите од Гастромак ќе имаат специјално „Cooking Show”, специјалната жири комисијата ќе го дегустира и оценува подготвеното ѓомлезе а најдобриот ќе го каже рецептот за овој специјалитет.
Во склоп на „Охридска софра 2019“ ќе биде снимено кулинарското шоу „Вкусот на традицијата“ со Адријана Алачки, а градоначалникот Koнстантин Георгиески ќе ги прогласи годинешните победници.
За музичкиот дел ќе бидат задолжани дуетот Селимова – Желчески и ансамблот „Билјана“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива