Крушево, 19. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Идејното решение за „Спомен-домот на Тоше Проески“ во Крушево ја доби архитектонската награда „Милан Злоковиќ“ за најдобро архитектонско дело во регионот.
Признанието за капиталната инвестиција на Владата и на Министерството за култура ќе биде доделено в петок во Белград, во рамките на годишната изложба на Асоцијацијата на српски архитекти, од меѓународно жири составено од претседателите на сите балкански асоцијации на архитекти.
Проектантското биро „Синдикат студио“, кое е автор на идејното решение на „Спомен-домот на Тоше Проески“, наградата ја дели со романските колеги кои се автори на проектот за „Станбен комплекс во Букурешт“, кој е номиниран и за Европската награда за архитектура „Mies van der Rohe”. Жирито доделило и признанија за квалитетно архитектонско дело на авторите од Хрватска, Црна Гора и од Србија.
Спомен-домот посветен на македонската музичка икона Тоше Проески, изграден на Гумење во Крушево, е една од повеќето капитални инвестиции што ги реализираше Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатиот период. Овој објект, со кој на достоинствен начин е одбележан споменот за оваа наша музичка легенда, досега го имаат посетено над 200 000 посетители. Во 2011 година Спомен-домот ја освои и престижната награда „Peoples choice aword“ за најдобро архитектонско дело на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона во конкуренција на 704 објекти од целиот свет. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива