Охрид, 10. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават Споменот на Светата Маченичка Параскева (Света Петка Икониска).
Се верува дека оваа светица ги штити од разни несреќи, но и од многу болести.
Света Петка била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и биле имотни и побожни христијани. Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизавала во пост и молитва до својата старост. Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години. Се успокоила во Господа во единаесеттиот век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во Романија, во градот Јаши.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води.
Тропар
Премудрата и сефална Христова маченичка Параскева, мажествена храброст примајќи, женската немоќ ја отфрли, демонот го победи и мачителот го посрами, повикувајќи и глаголајќи: дојдете, телото мое со меч исечете го, јас пак радувајќи се, одам кон Христос, мојот Женик. По нејзините молитви, Христе Боже, спаси ги нашите души! (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива