јануари 27, 2015

Охрид, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со низа црковни свечености и општонародна забава, претставниците на српската заедница во Охрид денеска го одбележуваат православниот празник Свети Сава.

Организатор е српското друштво „Коштана“ од Охрид кое постои веќе осум години.

– Празникот ќе го одбележиме во ресторанот „Белведере“ попладнево од 13 часот. По традиција, тука е славската погача која по сите церемонии што претходат, ќе биде пресечена. По верскиот обред, планирана е општонародна веселба, вели Зоран Цветковиќ од здружението „Коштана“.

Според податоците од последниот попис, на територијата на Општина Охрид живеат околу 400 Срби. Организирани во здружението „Коштана“ тие секоја година спроведуваат различни активности преку кои, како што вели Цветковиќ, ги приближуваат македонскиот и српскиот народ.

– Работиме на воспоставување на културна, образовна, но и економска соработка помеѓу двете земји и двата народа, појаснува Цветковиќ.

Се смета дека светецот Сава ја издејствувал кај царот и патријархот независноста на Српската православна црква. Свети Сава бил прогласен од страна на Цариградската патријаршија за прв архиепископ на српскиот народ. Во 1219 година успеал да ја организира првата српска црква, позната како Печка патријаршија, а подоцна патријаршија. Заедно со својот татко го подигнале манастирот Хилендар, а потоа и многу други манастири, цркви и училишта во денешна Србија. На двапати патувал на поклонение во Светата земја.

извор: ОхридПрес  фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука