Скопје, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, оствари средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан.
На почетокот на средбата претседателот Вељаноски искажа задоволство од посетата на комесарот, при што нагласи дека ваквите средби се одлична можност за разменување на мислења и ставови што е од големо значење за Република Македонија, особено во насока на остварување на една од приоритетните цели на државата, а тоа е интегрирање на земјата во Европската унија.
На средбата се разговараше за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европската унија, за актуелните случувања во државата и тековните активности на Собранието на Република Македонија.
Комесарот за проширување на Европската унија, Хан истакна дека неговата денешна посета е со цел да се нагласи заинтересираноста на Европската унија и нејзините институции за што поскоро надминување на моменталните несогласувања настанати на политичко ниво. Комесарот потенцираше дека Европскиот парламент е спремен да помогне со свое надворешно посредување доколку тоа би придонело во надминување на актуелната состојба.
Претседателот Вељаноски посочи дека можеби доколку се одржи заедничка средба на македонските политички партии заедно со сестринските европски партии ќе почне полека да се работи на враќање на довербата помеѓу нив, што е основа за понатамошниот дијалог и надминување на несогласувањата.
Двајцата соговорници се согласија дека работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава е од исклучително значење од што произлегува потребата тоа да работи со полн капацитет.
Претседателот Вељаноски истакна дека досега сите пратеници заеднички работеле за постојано зајакнување на капацитетите на Собранието, за што секоја година Собранието на Република Македонија добива позитивна оценка во Извештајот на Европската унија. Претседателот Вељаноски уште еднаш изрази надеж дека опозицијата ќе прифати да се врати и конструктивно да учествува во работата на Собранието.
Комесарот Хан се согласи дека во едно зрело демократско општество дебатата треба да се одвива во парламентот бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент да се изразат мислењата и ставовите. Тој истакна дека очекува сите политички партии да придонесат во приближувањето на различните ставови и се надева дека опозицијата ќе се приклучи во работата на Собранието. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива