Вашингтон, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, придружуван од генералот Ѓурчиновски престојува во работна посета на САД.
Во текот на вчерашниот ден, во Вашингтон министерот Јолевски имаше повеќе средби со поранешни високи функционери во Белата куќа, Пентагон и Стејт Департмент, како и американски генерали.
Воедно, министерот имаше средби и во повеќе реномирани институти и „тинк тенкови“ во Вашингтон, а во Центарот за стратешки и буџетски процени во областа на одбраната имаше средба со поранешниот потсекретар за одбрана на САД, Ерик Еделман и неговиот тим.
На средбите беа презентирани достигнувањата во реформите во областа на одбраната на Република Македонија и аргументите зошто Република Македонија треба да го добие заслужената покана за членство во НАТО. Соговорниците истакнаа дека Република Македонија со учеството во мисијата „Одлучна поддршка“, како и во претходната НАТО мисија во Авганистан покажа дека „де факто“ се однесува како членка на НАТО и потврдува дека ги исполнува условите за членство во Алијансата.
Достигнувањата во областа на одбраната од страна на соговорниците беа мошне високо оценети.
Тие ја истакнаа целосната поддршка за реформите кои се планираат во периодот што следи. Со нив ќе продолжи зајакнувањето на Армијата на Република Македонија, што ќе обезбеди повисоко ниво на капацитетот на АРМ за заштита на територијалниот интегритет и уставниот поредок на Република Македонија, но и интеропратибилноста со НАТО сојузниците.
Стана збор и за можноста за размена на питомци од Воена Академија „Генерал Михаило Апостолски“ со американските воени академии. Се разговараше и за обука на наставниот кадар од нашата академија на најрепектираните воени школи во САД со цел да се постигне врвен квалитет во образованието на идните офицери во Армијата на РМ. Стана збор и за можноста американски кадети да поминат еден семестар на македонската Воена академија.
На министерот Јолевски му беше предадено американското знаме кое се вееше на Пентагон на 4 јули. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива