Охрид, 15. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Срцев удар е причина за смртта на поранешниот шкотски премиер Алекс Салмонд, кој почина во саботата во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид каде учествуваше на второто издание на Форумот за културна дипломатија.
– За време на ручекот, Салмонд добил срцев удар при што паднал наназад со столицата, а обидите за негова реанимација биле неуспешни, информираат од неговото семејство.
Во соопштението, тие рекоа дека бил политичар на кого му се восхитувале ширум светот, но дека бил и „вљубен“ семеен човек чие присуство ги водело во нивните „најтемни моменти“. Во салата на шкотскиот парламент е отворена книга на жалост.
Салмонд во петокот имаше излагање на второто издание на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин, а по неговата смрт остатокот од настанот бил откажан. (Крај)
извор: Слободен печат фото: архива