Охрид, 19. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Фудбалскиот стадион „Билјанини извори“ во Охрид ќе добие нова и модерна западна трибина, откри градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков по средбата со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, членот на управниот одбор на ФФМ, Тони Иваноски и претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз, Цане Милошоски, кои му ги предале проектите за изградба.
– Како Локална самоуправа се обврзавме со средства од нашиот буџет да ги изградиме двете трибини зад головите и да поставивме ново современо осветлување на стадионот. Вкупните финансии кои што ќе ги издвои Општина Охрид за оваа намена ќе бидат околу 2.000.000 евра. Со ова фудбалскиот стадион ќе се трансформира во модерен спортски објект подготвен за одржување на меѓународни натпревари. Самото тоа Охрид ќе го позиционира високо во меѓународната спортска јавност, вели Пецаков.
Новата западна трибина се очекува да има капацитет од 3.500 седишта и дополнителни простории, вклучувајќи 8 скај-боксови за VIP зони. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива