Охрид, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кон активностите и натпреварите на годинeшната Училишна спортска лига од следната недела ќе се приклучат и учениците од средните училишта.
Досега беа вклучени само основците кои се занимаваат со некоја спортска дисциплина. Се одржаа натпревари во дел од спортовите, а со истото темпо ќе се продолжи до втората половина на месец мај.
Јоне Станкоски, како претставник на Сојузот за училишен спорт од Охрид, вели дека како советник во градскиот совет во изминатите години постојано се залагал за одржување на оваа училишна спортска лига, за која во изминатите три години, локалната самоуправа не издвојуваше средства. Од годинава лигата е возобновена.
– Натпреварите се одржуваат обично после часови во еден училишен ден. Позитивно е тоа што лигата се возобновува по 3 години. Се очекува во спортските игри да бидат вклучени над 350 деца. Целта е токму таа, да се вклучат што поголем број на деца, кои тренираат некој спорт. Деца, кои што можеби, не би излегле на терен, а вака имаат шанса да спортуваат во сала. Освен социјализацијата кај децата, се афирмира спортот и од здравствен аспект, да се поттикнат учениците на практикување на спорт, вели Станкоски.
Лигата за училишни спортови се организира од страна на Сојузот за училишен спорт од Охрид со поддршка од локалната самоуправа. Во рамките на лигата, се одржуваат натпревари во футсал, одбојка, пинг-понг, шах, атлетика, кошарка.
На 24. Мај- Денот на сесловенските просветители, ќе бидат врачени и наградите за најдобрите еипи и поединци, информираат од Сојузот за училишни спортови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива