News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 7, 2024

Скопје/Охрид, 7. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Цените на недвижнините продолжуваат да растат и во третиот квартал од 2024 година, иако е забавено темпото на поскапување.

Последните податоци на Народната банка откриваат дека во третиот квартал има пораст од осум проценти на цените за метар квадратен и тоа е малку помало поскапување во споредба со вториот квартал кога цените пораснаа за 11 проценти.

Во првиот квартал цените се зголемија за само 4,6 проценти, но од вториот квартал повторно има голем раст на цените на недвижнините. Овој тренд на значително поскапување на имотите започна со четвртиот квартал во 2021 година, и продолжи низ цела 2022 година, односно во втората половина на 2022 кога становите поскапеа најмногу. Побарувачката на станови посебно во централните градски населби во Скопје, но и во останатите поголеми градови во Македонија како Битола, Велес, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица не стивнува и според познавачите на градежниот сектор, цените ќе останат вакви какви што се, со евентуална можност да бидат стабилизирани на ова ниво во текот на цела 2025 година.

Статистиката покажува дека иако на пазарот на недвижности има голем број непродадени станови, сепак, растат одобренијата за градба, а тоа значи нови станбени квадрати што почнале или допрва ќе се градат. А паралелно со градењето станови, расте и нивната цена, што е надвор од економското правило-цената да се одредува според понудата и побарувачката. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2020-2023 година издадени се одобренија за изградба на вкупно 33.023 станови: 6.210 во 2020 година, 11.946 во 2021 година, 7.002 во 2022 и 7.865 во 2023 година. Вкупно 16.341 стан за којшто се издадени одобренија за градење се наоѓа во Скопје. Последните расположливи податоци од Државниот завод за статистика за бројот на завршени станови се за периодот од 2020 до 2022 година. Во тој период, вкупно се завршени 16.337 станови: 4.077 во 2020, 5.959 во 2021 и 6.301 во 2022 година. Од вкупниот број на завршени станови, 6.773 се наоѓаат во Скопје, а 7.555 во поширокиот Скопскиот Регион.

Податоците за цени на становите не ги води повеќе Државниот завод за статистика затоа што во Агенцијата за Катастар на недвижнини воведоа Регистар на цени на недвижнини каде што има податоци за сите видови трансакции со недвижнини. Но, последните податоци се за 2020 година и оттаму Агенцијата не прави годишни регистри со цени. (Крај)

извор: Фокус/Орце Костов фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука