Скопје/Охрид, 15. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со распишување на претседателските и парламентарните избори, закажани за 24-ти април, односно 8-ми мај 2024 година, стапија на сила одредбите од Изборниот законик.
Со ова започнува и мониторингот на медиумското известување од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којшто до почетокот на изборната кампања ќе биде фокусиран на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, а сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставка.
Супер радио и OhridPress се помеѓу радиодифузерите и интернет порталите кои ќе емитуваат и објавуваат платено политичко рекламирање (ППР).
– Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. Треба да се почитуваат правилата за објавување на резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, како и забраните за емитување ППР пред почетокот на изборната кампања, за емитување реклами финансирани од Буџетот, и забраната за истовремен ангажман на уредници, новинари, водители на програма и презентери во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите се должни да ги почитуваат професионалните начела за новинарската дејност, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања. Воедно, сите радиодифузери се должни да ги почитуваат посебните забрани од членот 48 од ЗААВМУ, стои во насоките испратени до медиумите од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија.
Супер радио и OhridPress ќе го покриваат целокупниот изборен процес, со посебни програмски сегменти и рубрики за детално запознавање на граѓаните со иститот, како и со активностите на сите политички субјекти и личности кои се инволвирани.
Правилата на двете куќи, според законските норми ќе бидат објавени јавно во два наврати пред почетокот на самиот изборен процес. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес